Убаво е да си од Куманово

26.12.2013 23:00 | KumanovoNews

Интервју со Симона Тоскиќ, продуцент и драматург во НУЦК „Трајко Прокопиев“ Куманово

Убаво е да си од Куманово

Што не ви се допаѓа во Куманово?

Не дека очекувам Лас Вегас, ама не ми се допаѓа тоа што Куманово не е доволно осветлен град. Поготово сега, кога треба да се постигне таа гласна и блескава предновогодишна атмосфера, се случува да налеташ на неосветлен булевар, на пример. Не ми се допаѓа што во единствената река која ја имаме, освен шатки, се случува да пловат и фотељи. Не ми се допаѓа што повеќе не постои кумановска бања. И не ми се допаѓа што колите се потешко се разминуваат, а за сметка на тоа, за дел од таксистите правилата во сообраќајот и не важат.

Што би смениле во градот?

Можеби не со голема брзина, ама мислам дека се движиме по нагорна линија. Не се согласувам дека во Куманово „ништо не се случува“ и дека „нема ноќен живот“. Во моментот има локали за секаква возраст и сечиј вкус, а се зголемува и бројот на културни настани: не постои недела, а да нема по неколку случувања во културните установи. Се повеќе забележувам велосипедски трки и натпревари во Спортската сала. Но, секако дека има работи кои би ги сменила под итно. Прво, би ја корегирала хигиената во градот и би поставила подобар систем за наводнување на зелените површини. Потоа, би им го сменила личниот опис на старите архитектонски објекти во нови и помодерни. Би ставила повеќе сообраќајни знаци, кружен тек и патокази, тројазични, во и вон градот. Би ги подобрила здравството, школството и економијата. Посебно би се заложила за отворање на софистициран центар за згрижување на стари и болни луѓе, бездомници, како и бездомни животни. И, секако, не би испуштила да создадам нова зграда за театар со бифе и кино сала за прикажување на, барем, 3Д проекции.

Каде ќе прошетате гостин кој првпат доаѓа во градов?

Откако ќе го запознам со централниот дел од градот и ќе ги слушне приказните за старо Куманово, ќе го однесам да ги посети сите културни знаменитости и како за крај, во некоја од кафеаните, би му предложила да го проба специјалитетот Мезал’к.

Што не би покажале на пријател кој првпат доаѓа во Куманово?

Единствено нешто што избегнувам да види секој странец е автобуската станица. Потоа е полесно.

По што Куманово се разликува од другите градови, по што е посебно?

По тоа што во него живеат луѓе со ведар дух и различен дијалект, а самиот град има традиција, со која многу би се гордееле. Убаво е да си од Куманово.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk