Македонски државјани за викенд ќе се вакцинираат во Србија

26.03.2021 21:51 | KumanovoNews

Македонски државјани кои преку официјалната страна на Институтот за јавно здравје на Србија се пријавиле за вакцинирање како странски државјани, викендов ќе се вакцинираат масовно во просториите на Белградскиот саем, со вакцината „АстраЗенека“.

Македонски државјани за викенд ќе се вакцинираат во Србија

Од Министерството за здравство велат дека нема пречка граѓаните да се вакцинираат во Србија или во која било друга земја, но мора да добијат уредна потврда за имунизација, со што ќе се водат како вакцинирани.

Во Србија викендов ќе се вакцинираат и вработени во компаниите што се членки на Стопанската комора на Северна Македонија. Најголемата стопанска комора во земјава обезбеди вакцинација со помош на партнерската Стопанска комора на Србија преку коморскиот инвестициски форум.

Во земјава сè уште не е почната масовната вакцинација на населението. Министерот Венко Филипче вчера најави дека в недела ќе стасаат првите количини „АстраЗенека“ од Ковакс механизмот и со тоа од наредната недела населението ќе почне да се вакцинира.

Досега вакцинирани се само дел од медицинските лица со 8.000 дози од вакцините на „Фајзер“ донација од Србија и  со 3.000 „Спутник“ купени од Русија.

(сдк.мк)

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk