Мавровчани побараа да се прекине градењето и да им се врати општината Маврово

13.11.2021 17:03 | Сузана Николиќ

Бетонизацијата на Националниот парк, градежното дивеење, дивоградби, несоодветната инфраструктура, проблемите со снабдувањето со вода и струја, нередовното собирање на ѓубрето, загадувањето на Мавровско Езеро, неконтролираното сечење на шумата... беа причините за денешниот протест во Маврово на селаните од Леуново, Никифорово, Маврово и Маврови Анови и на сопствениците на викендичките околу езерото.

Мавровчани побараа да се прекине градењето и да им се врати општината Маврово

Незадоволни од работата на досегашната локална власт, тие побараа враќање на општината Маврово, прогласување на туристичка општина Маврово и најмалку двегодишен мораториум за градба околу езерото, пренесува МКД.мк.

„Ова што се случува околу езерото навистина е дивеење. Секој си гради каде и што сака, општинските власти не реагираат, а со тоа стануваат дел од урбаната мафија, која почна да пустоши по Маврово. Има решенија за уривање, а инспекторите се прават дека не гледаат дека градењето продолжува...“, изјави Верица Илиќ, сопственичка на викендица и иницијатор за основање на здружението на сопственици на викендици.

Присутните на протестот побараа од новата локална власт итно да се стопира урбаното дивеење и бетонирање. За да се гради, треба да има соодветна инфраструктура, да се задоволени прво комуналните потреби на постоечките објекти и да се гради во склад со законите за градба и зачувување на Националниот парк, рекоа присутните. Тие побараа да се стопира продавањето на државното земјиште и националните природни богатства, итно да се изработи урбанистичка планска документација за целиот крајбрежен појас и селата околу езерото, а беше упатен јавен апел до оваа и до сите наредни влади да не се осмелуваат да го донесат законот за легализација на бесправните објекти.

„Од Јавното обвинителство бараме итно да ги отвори предметите доставени до обвинителките Валентина Бислимовска и Вилма Русковска, да не се чуваат во фиока предметите поврзани со урбаната мафија за Мавровскиот регион. Јавна тајна е дека урбаната мафија опстојува и се приспособува на секоја политичка структура“, рече  Илиќ.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk