Нема здравствен ризик лицата со висок процент на антитела да примаат вакцина против ковид-19

22.11.2021 13:29 | Сузана Николиќ

Светската здравствена организација (СЗО) точно потврдува дека нема проблем, ниту здравствени последици, доколку лицата со висок процент на антитела примат вакцина против ковид-19, истакна националната координаторка за имунизација во Македонија, проф. д-р Александра Грозданова.

Нема здравствен ризик лицата со висок процент на антитела да примаат вакцина против ковид-19

Таа нагласи дека ова не се однесува само за првата доза, туку и за засилувачката доза, како и за имунзацијата после прележување на ковид-19.

„Нивото на антитела се само една мала слика за имунитетот и не постојат никаде препораки за референтните вредности под кои или над кои би требале или не би требале да се вакцинираме. Наша препорака е граѓаните да не се оптоваруваат со тестирање на антитела, туку да ја примат вакцината за заштита од вирусот и болеста“, вели д-р Грозданова.

Националната координаторка посочува и дека нема проблеми доколку вакцината се прими после месец дена или 45 дена од прележувањето на ковид-19, но дека во предвид треба да се земе и здравствената состојба на луѓето.

„Најголем дел од здравствените работници во ковид центрите ја примија вакцината после 3-4 недели од прележувањето на болеста. Сепак, потребен е индивидуален пристап во овој процес, односно тоа да се направи во зависност од здравствената состојба на пациентот“, вели Грозданова.

Иако посочува дека здравствениот систем е подготвен за спроведување на масовна имунизација на населението, сепак признава дека во последниот период трендот на вакцинирање е со намален опфат.

„Во јуни дневно вакциниравме по околу 20.000 граѓани, а сега, за жал, тој број е опаднат на околу 3000-5000 лица. Овој тренд е присутен секаде во регионот и пошироко. Во Македонија се вакцинирани околу 48% од полнолетното население, а пред најавениот нов сериозен пик мора да се зголеми опфатот на имунизација за ефикасна заштита на населението“, вели Грозданова.

Онлајн дискусијата со д-р Грозданова беше во организација на НВО Инфоцентар од Скопје.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk