Од први мај стартува електронски упис на првачиња, останува можноста за физичка достава на документите

22.04.2021 12:29 | KumanovoNews

Од први мај се воведува нова услуга за електронски упис на првачињата. Преку порталот uslugi.gov.mk родителите/старателите ќе можат да пополнат апликација, да изберат училиште и да ги прикачат потребните скенирани документи. Откако апликацијата ќе биде прифатена, се одредува термин во кој ученикот ќе треба да дојде на разговор со педагогот во училиштето.

Од први мај стартува електронски упис на првачиња, останува можноста за физичка достава на документите

За оние родители кои поради било каква причина немаат можност да ја искористат оваа електронска услуга, останува можноста за пријавување на првачињата за упис и со физичка достава на документи во училиштето.

„Оваа година благодарение на Центарот за управување со промени и Британската амбасада голем дел од услугите кои ги нуди МОН се дигитализираа, а посебно сум горда на оваа услуга која го олеснува пристапот на родителите кон упис на нивните деца и наши ученици во образовниот систем. Тоа ќе го направат со прикачување на сите потребни документи и откако тој административен процес ќе се заврши имаат само една посета во училиштето на средба со педагогот и проценка и понатамошно започнување на процесот на образование на еден ученик“ рече министерката за образование и наука Мила Царовска, која заедно со претставникот на британската амбасада во Скопје Ричард Малион, ја промовираше алатката.

Услугата за електронски упис на првачиња е големо олеснување и за администраторите во училиштата, бидејќи наместо нив, податоците за секој запишан ученик се внесуваат автоматски во ЕСАРУ системот на министерството каде се води евиденција за сите училишта во државата. За користење на алатката од страна на училиштата, предвидени се соодветни обуки кои започнуваат уште утре.

Царовска информираше дека процесот на дигитализација на услугите во образованието е поддржан од Центарот за управување со промени, Владата на Обединетото Кралство, Британската амбасада во Скопје и Министерството за информатичко општество и администрација. Во рамки на истиот досега се дигитализирани неколку услуги, односно постапки, како постапката за нострификација на дипломи за основно, средно и високо образование стекнати во странство, аплицирањето за сместување во ученичките и студентски домови и за остварување на правото на ученички и студентски стипендии, како и аплицирањето за финансирање на проекти за реновирање на училишни објекти од страна на општините.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk