Опозицијата ќе протестира пред Владата против францускиот предлог

02.07.2022 12:23 | KumanovoNews

Опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ,  за денеска во 19 часот ги повика граѓаните на простест пред Владата, незадоволна од францускиот предлог за отпочнување на пристапни преговори на ЕУ со Македонија. Според лидерот Христијан Мицковски овој предлог не е прифатлив за него и неговата партија. 

Опозицијата ќе протестира пред Владата против францускиот предлог

„Прифаќањето на ваквиот предлог подразбира или целосно право на Бугарија да менува учебници и да ги пишува согласно бугарскиот диктат. Ова значи прифаќање дека Гоце Делчев, Даме Груев, Јане Сандански и останатите херои и револуционери биле Бугари, дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот. Секој кој како Владата, како Ковачевски, Османи и Маричиќ, ќе ви кажува нешто поинаку, ви кажувам со сиот мој дигнитет и име не ја говори вистината или да бидам подиректен, ве лаже“, кажа Мицкоски, и ги повика граѓаните на протест.

По добивањето на францускиот предлог за деблокирање на евроинтеграциите на земјава Владата вчера почна широки консултации и објави дека е солидна основа за градење став. Премиерот Димитар Ковачевски одржа средба со коалиционите партнери, разговараше и со експертската и стручната јавност, како и со медиумите.

Тој кажа дека од нас зависи каква одлука ќе донесеме за иднината на нашите деца и за европеизација на државата. Според него, новиот модификуван предлог сега веќе не е само француски, туку е и европски предлог, во кој се вклучени сите наши барања и забелешки што беа изложени на претходната верзија на предложениот текст.

(фото.Фејсбук)

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk