Поглаварите на МПЦ, ИВЗ и Католичката црква ги повикаа граѓаните да се вакцинираат против ковид-19

08.04.2021 19:33 | KumanovoNews

Поглаварите на сите верски заедници дадоа поддршка на процесот на вакцинирање и упатија повик до сите граѓани да се пријават за вакцинација, со што ќе дадат придонес во сочувувањето на своето здравје и на јавното здравје.

Поглаварите на МПЦ, ИВЗ и Католичката црква ги повикаа граѓаните да се вакцинираат против ковид-19

За ова било разговарано на денешната средба, со премиерот Зоран Заев и  лидерите на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан, на Исламската верска заедница, Реисул Улема хаџи Шаќир ефенди Фетаи и на Католичката црква, монсињор Киро Стојанов, бискуп скопски и струмичко-скопски епарх.

„Од страна на верските лидери присутни на состанокот е укажано дека на заштитата на здравјето не е само обврска на државата, туку е и верска обврска бидејќи секој човек е должен, како општествено, така и според верата, да биде во служба на здравјето. Заеднички е констатирано дека во овие моменти кога човештвото се соочува со непредвидлив вирус, потребна е разумност од страна на сите верници, бидејќи болеста не избира религии и нации“, соопштуваат од Владата.

На средбата е заеднички оценето дека од почитувањето на мерките, ќе зависи и како граѓаните ќе ги поминат претстојните празници: Велигден и Рамазан Бајрам, а јасно е дека постои желба кај сите за одбележување на големите верски празници во мир и спокој и заедно со најблиските во семејството.

Премиерот Заев изрази благодарност до верските лидери за потребата да се застане заеднички, во справувањето со последиците од пандемијата, што е од полза на сите луѓе. Тој најави средби и со претставници на другите верски заедници во земјава.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk