Едношалтерскиот систем на границите ќе профункционира до почетокот на следната сезона, најавија Тошковски и Дачиќ од Куманово

10.10.2024 15:25 | Оливера Пешевска

Соработка во областа на борбата против организираниот криминал, против нелегалната миграција, трговија со луѓе, шверц на наркотици, борбата против општиот криминал и брза размена на информации во борбата против тероризмот, беа прашањата на  кои разговараа министрите за внатрешни работи Панче Тошковски и Ивица Дачиќ, денеска во Куманово.

 

Едношалтерскиот систем на границите ќе профункционира до почетокот на следната сезона, најавија Тошковски и Дачиќ од Куманово

На средбата беше разгледан и нацрт текст за Договор помеѓу двете влади за воспоставување на заеднички контроли во рамките на One Stop shop концептот на заедничкиот граничен премин за меѓународен патен сообраќај Табановце – Прешево.

„Ги констатиравме фазите за постигнатото во сето она што го преземавме како планови и обврски во рамки на последната посета. Разговаравме за се она што е поврзано меѓу двете полиции од аспект на тековна соработка која морам да потенцирам дека е одлична. Продолживме да разговараме за темата од минатиот пат а тоа е подобрување на транзитот на нашите граѓани на граничните премини со тоа што договорено е во рамки на техничките групи меѓу двете министерства да има континуирани средби за реализација на крајното решение за One Stop Shop системот. Овој проект е многу значаен за двете држави и мораме да го реализираме што побрзо и веќе од следната туристичка сезона да имаме брз проток на патници и стоки преку заеднички контроли на граничните премини“,  потенцираше министерот Тошковски.

До сега имале успешни средби и во Белград и на Граничниот премин Прешево, постигнат договор да се обидат двете министерства да направат една листа за се она што треба да се направи.

„Тука имаме проблеми кои мораме да ги решиме, а еден од нив е долгото чекање на граничниот премин. Ако за тоа веќе сме разговарале уште во периодот од 2008-2014 за поедноставување на процедурата, да се минува границата само со лична карта и да има само едно застанување. Сето тоа го работиме, но има уште нешто што би можеле да го усовршиме. Постигнавме договор да седнат тимовите и да видат што е тоа што треба да се направи за да минувањето на границата не претставува проблем за граѓаните. Веќе работиме со конкретни чекори и тимови на двете министерства тоа да се операционализира и процесот да усоврши така што нема веќе да постои таков проблем“, истакна Ивица Дачиќ.

Како најголем проблем министрите ја потенцираа нелегалната миграција, која се случува во сите земји и во регионот и во целата Европа. Специфичност е што и Македонија и Србија го имаат истиот пробле да мигрантите доаѓаат од земјите на Европската унија. Во Македонија најголем број од илегалните премини се регистрирани од границата со Грција и Бугарија, а слично е и во Србија, над 50 проценти од мигрантите влегуваат од Бугарија, а нешто повеќе од 30 посто од границата со Македонија.

„Токму унијата мора да ни помогне да го решиме тоа прашање, кое може да биде и организациски и логистички, во смисла на опрема за такво нешто и секако финансиски“, дополни Дачиќ.

Министрите констатираа дека одличната соработка меѓу двете министерства и полиции ќе продолжи и ќе се надградува и во делот на заеднички и взаемни обуки со цел подигнување на капацитетите на двете служби во борбата со сите видови криминал и предизвици од областа на безбедноста. Соработката ќе се унапредува во делот на организираниот криминал, нелегалната миграција, трговијата со луѓе, шверцот со дрога, борбата против тероризмот и брзата размена на информации.

Министерот Дачиќ беше и во посета на Општината, а прошета и низ градот.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk