Големи пожари беснеат во Североистокот - најкритично во Старо Нагоричане

02.08.2021 19:52 | Жаклина Цветковска

Големи пожари од кои се зафатени шуми, нискостеблести дрвја, сува трева, но и куќи и помошни објекти, беснеат во Старо Нагоричане и Ранковце, и се уште се надвор од контрола. Пожари има и во Куманово, Крива Паланка,
Кратово и Липково, но тие веќе се изгаснати или се ставени под контрола. 

Големи пожари беснеат во Североистокот - најкритично во Старо Нагоричане

Во гаснењето на огнената стихија учествуваат пожарникари, полицијата, шумските стопанства и граѓани-доброволци.

„Најкритичен е шумскиот пожар на Кокино каде каде гори нискостеблеста шума, црн бор и багрем на површина од над 500 хектари. Селото Кокино е евакуарано, а изгорени се неколку стари куќи. Зафатена е локацијата на местото викано Степански рид, на тромеѓето на селата Малотино, Кокино и Жеглане. Зафатено е и село Дренак, каде се опожарени стари напуштени куќи, една црква и училиштето. Во акцијата за гаснење на пожарот учествуваше и хелихоптер на АРМ, но поради ветерот со променлив правец и непристапниот терен, пламените јазици се уште се шират и состојбата е критична“, соопштуваат од ЦУК.

Голем пожар беснее и во општина Ранковце, кој се проширува кон граничниот појас со Србија. Огнената стихија од селата Радибуш и Отошница, се прошири кон селото Стача и продолжува кон Пклиште и Герман, а густиот чад стигна и до Крива Паланка. Пожарот, кој се уште е активен, има зафатено површина од околу 500 хектари сува трева,дабова и борова шума, а изгорена е и една куќа.

Од ТППЕ Куманово информираат дека имале многу итервенции и не можеле да постигнат на сите места. Активно се вклучени во пожарот кај Кокино, а интервенирале и на опожарувања во селата Мургаш, Јачинце, Бељаковце и Јачинце, а во текот на денот интервенирале и во Ваксинце, Матејче, Тромеѓа, Доброшане, Зубовце и Четирце.

И во Крива Паланка се регистрирани повеќе пожари и тоа во селата Варовиште, Конопница и Кошари, како и на местото Црвена нива, во кои се опожарени плевна, куќа, дрва за огрев, сува трева, нискостеблеста деградирана
шума и дабова шума.

Во Општина Кратово активни се два пожари и тоа во село Живалево, каде гори сува трева и нискостеблеста деградирана шума, со површина од 10 хектари, а во село Татомир опожарена е околу 50 хектари дабова шума,нискостеблеста деградирана шума ,сува трева и една плевна.

Активен е и пожарот во село Белановце, Липковско каде гори сува трева и дабова шума.

Според информациите, дел од пожарите се предизвикани најверојатно од високите температури и силниот ветер, кои предизвикале топење на електричните жици, нивно олабавување и предизвикување на спој, по што
пламените јазици се прошириле врз околните места.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk