Изграден памп полигон за екстремни спортови со велосипеди и скејборди во Крива Паланка

29.11.2023 17:38 | Жаклина Цветковска

Памп-трак полигон  за велосипеди, скејтборди и слично  наменет за екстремни спортови, денеска  свечено  беше пуштен во употреба во Крива Паланка, во присуство на министерот за локална самоуправа Ристо Пенов  и постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан.

 

Изграден памп полигон за екстремни спортови со велосипеди и скејборди во Крива Паланка

Проектот е избран преку спроведување на  форумски процес со партиципативно учество на граѓаните, кои дадоа најголема поддршка токму за овој предлог. Вкупната вредност изнесува 4 милиони денари, од кои 2.5 милиони се грант од Швајцарската влада и Министерството за локална самоуправа, преку Програмата за развој на Обединетите нации УНДП а  1.5 милиони денари се  кофинансирање од општината, во рамки на  проектот „Зајакнување на општинските совети-фаза 2“.

„Оваа патека е нова можност за жителите на општината за дружење и за рекреација, се создаваат услови за развој на спортот, но и за локалниот развој, преку збогатување на понудата за домашните и посетителите од странство. Додадена вредност на овој проект е во тоа што е избран од граѓаните на Крива Паланка, во консултативен процес организиран од страна на општината“, рече министерот Пенов.

Во рамки на посетата на Крива Паланка , Пенов и  претставникот од УНДП ја посетија и општинскта сала каде извршија  увид во новата ИКТ аудио-визуелна опрема за следење на седниците на Советот во живо. Финасиската поддршка за нејзина инсталација, во висина од 800.000 денари,  е обезбеден исто така од проектот „Зајакнување на општинските совети-фаза 2“.

„Министерството за локална самоуправа во соработка со УНДП учествува во реализацијата на слични проекти во 40 општини, за што во периодот од 2022 до 2026 година се обезбедени 2 милиони долари, со поддршка на Швајцарската Влада. Најважно од се е граѓаните да ја препознаат корисноста од сопственото учество и да го валоризираат својот глас преку создавање на партнерства со локалните власти и заедничко подобрување на условите за живеење во локалната заедница“, подвлече Пенов.

 

 

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk