Изложба „Стаклена соба - Погрешни информации и манипулации на интернет“ во Europe House Крива Паланка

06.02.2023 12:41 | Жаклина Цветковска

По повод Денот на безбеден интернет- 7 февруари, утре  во 13:00 часот во Europe House Крива Паланка  ќе биде отворена изложбата „Стаклена соба: Погрешни информации и манипулации на интернет“, во организација на Делегацијата на Европската Унија и Македонскиот институт за медиуми.

Изложба „Стаклена соба - Погрешни информации и манипулации на интернет“ во Europe House Крива Паланка

Изложбата претставува атрактивна и едукативна инсталација составена од серија постери, интерактивни апликации и анимации, кои може да се постават во изложбени простори и да се посетат онлајн. 

Поставката им нуди можност на посетителите да дознаат повеќе за погрешните информации и за улогата на интернет-корисниците во нивното ширење, како и за бизнис моделите, дизајнерските тактики и корисничките навики што овозможуваат поволна средина за нивно пренесување. Како дел од поставката подготвено е и Упатство за детоксикација од податоци, вклучително и од погрешни информации, што содржи конкретни совети како паметно и одговорно да се користи технологијата. Како надополнување на изложбата ќе бидат организирани и неколку интерактивни работилници за возрасни и за млади, на кои ќе бидат опфатени теми поврзани со Упатството за детоксикација. 

Изложбата е осмислена и подготвена од Тактикал Тек (Tactical Tech), меѓународна невладина организација со седиште во Берлин, во соработка со повеќе европски партнери, а ко-финансирањето е обезбедено преку Европската Унија. По отворањето во 2020 година, изложбата е поставена во 19 земји низ Европа на различни локации, како библиотеки, училишта, излози на продавници, железнички станици, и е достапна на повеќе од петнаесет јазици. Досега, поставката ја посетиле над 30.000 посетители ширум Европа и неколку стотини илјади онлајн. 
 

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk