Ќе се гради Авантура парк на Осоговските Планини

23.06.2022 16:00 | Жаклина Цветковска

Изградба на Авантура парк ,,Калин Камен“ на Осоговските Планини е една од следните инвестиции што општина Крива Паланка планира да ја реализира.

Ќе се гради Авантура парк на Осоговските Планини

За овој проект веќе има изготвено комплетна техничка документација и се планира овој локалитет да прерасне во регионална туристичка дестинација со атрактивни содржини.

„Развојот на туризмот е еден од приоритетните стратешки цели на општина Крива Паланка во насока на зголемување на социо-економскиот развој на локалната заедница и креирање на нови работни места. За таа цел континуирано се работи на изработка на проекти, привлекување на инвестиции за развој на туристичката инфаструктура и креирање на нова туристичка понуда за зголемување на туристичките посети“, велат од општината.

Во комплексот на авантуристичкиот парк ќе бидат вклопени и други атртактивни содржини како што се специфичен ресторан со локални специјалитети, детски игралишта со инклузивни елементи, објекти за изнајмување на велосипеди за моунт-бајк и за АТВ за адреналинско оф-роад возење. Дополнително ќе бидат инсталирани и специјални лифт-патеки за најмладите генерации и уредени површини за кампување и извиднички активности. Исто така, опфаќа и виртуелна тура за промоција на туристичките локалитети во Североисточниот плански регион (СИПР), како и други промотивни активности.

За реализација на оваа инвестиција, општината има доставено и проектна апликација во рамки на Грантовата шема 2022-2024 за инвестициски проекти со дигитална компонента, финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка и Министерството за локална самоуправа.

Проектот е еден од приоритетните, поддржан од Регионалниот форум во заедницата што се реализираше преку Центарот за развој на Североисточниот плански регион.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk