Ќе се изработува документација за доизградба на главниот колектор и за пречистителна станица во Крива Паланка

12.06.2023 12:38 | Жаклина Цветковска

Техничка документација за доизградба на главниот колектор и проект за пречистителна станица за отпадни води ќе изработи Општина Крива Паланка во наредниот период со поддршка од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Ќе се изработува документација за доизградба на главниот колектор и за пречистителна станица во Крива Паланка

Овие два проекти се дел од најважните  граѓански приоритети со кои ќе се обезбедат поефикасни услуги и подобар квалитет на живот во локалната заедница.

„Техничката документација за продолжување на главен фекален колектор го опфаќа  градското подрачје и селата во правец кон запад како што се Конопница, Тлминци, Мождивњак и Длабочица, во должина од околу 8 км, се до предвидената локација за  пречистителна станица за отпадни води во Длабочица. Во оваа фаза ќе се изработи и проект за пречистителна станица  со што ќе се создадат услови да се реши еден од најголемите проблеми на кривопаланчани, посочуваат од општината.

Со изградбата на колекторот и третманот на отпадните води ќе се придонесе за зачувување на чиста животна средина,  а ќе се овозможи и понатамошна изградба на секундарни мрежи во градот и селата долж течението на Крива Река.

Со поддршка од МЖСПП ќе се реализира и проектот за изградба и реконструкција на делови од атмосферска и фекална канализација во населбата Баглак , со што се решава долгогодишниот проблем за граѓаните од овој дел на градот. Постојната канализациска мрежа во оваа населба е несодветно изведена, а и при најмал дефект отпадните води би се сливале во дворовите на куќите и по улиците.

Двата договори , кои градончалникот Сашко Митовски веќе ги потпиша, се со вкупна вредност од околу 10 милиони  денари. Од МЖСПП е се обезбедени  7, 5 милиони, а Општина Крива Паланка ќе вложи сопствени буџетски средства во износ од околу 2,7 милиони денари.

„Со овие проекти се решаваат круцијални проблеми на граѓаните и се инвестира во подобрување на квалитетот на животот на граѓаните. Општина Крива Паланка работи на создавање предуслови за нови поголеми и капитални инвестиции“, вели Митовски.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk