Ќе се поправа и тампонира патот кон манастирот Карпино

09.06.2023 08:34 | Оливера Пешевска

До крајот на месецот ќе започне санација на патот кон манастирот Карпино во должина од 2.400 метри, во селото Сув Ора, Општина Старо Нагоричане.

Ќе се поправа и тампонира патот кон манастирот Карпино

Во моментот патот е тешко прооден поради големите оштетувања, па со поправката се очекува посетителите да можат со сопствени возила да стигнат до Карпино, важен културно-историски објект, кој е сместен во недопрена природа.

 „Санацијата се очекува да започне во текот на јуни, предвидено е да се расчисти вегетацијата, да се прошири патот, да се реши одводнувањето и делумно да биде тампониран“, изјави Наталија Мирковска, од Секторот за комунални работи во општината.

Проектот го спроведува Општина Старо Нагоричане, а средствата во висина од 3,5 милиони денари се обезбедени од  Бирото за рамномерен развој. 

И од здружението за заштита на манастирот Карпино, објавија дека наскоро ќе започне реконструкцијата на патот, а потоа најавуваат и обвновување на конаците. 
            
Манастирот Карпино е  изграден во 14 век и е позната скрипторска школа од 16 век. Според податоците од Институтот за македонска книжевност, во манастирот Карпино живееле над 300 калуѓери и тој важел како црковно - духовно и културно јадро за овој регион. Оригиналните ракописи, кои сега се наоѓаат во Москва, Софија и во Белград, сведочат за препишувачката школа и за постоење на ќелијно училиште.

Скапоцената колекција на стари празнични икони се наоѓа во галеријата на икони во соборниот храм „Свети Никола” во Куманово.

Поради непристапниот терен, објекти и црквата се руинирани и запуштени, но жителите на овој крај и љубители на природата постојано апелираат државата и црквата да помогнат овој комплекс да заживее.

(фото. ФБ Манастир Карпино)

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk