Кратовските кули отворени за туристи и за време на викендот

08.04.2022 12:27 | Жаклина Цветковска

Средновековните кули во Кратово ќе бидат достапни за туристите и за време на викендот,  односно и во сабота и недела од 10-15 часот.

Кратовските кули отворени  за туристи и за време на викендот

Како што информираат од Музејот на град Кратово, кулите ќе бидат отворени за сите заинтересирани посетители и за викендите, а нивното разгледување  чини симболични 60 денари.

Камените кули, заедно со средновековните мостови, се симбол на Кратово како еден од најстарите градови на Балканот во кој е сочувано вредно и уникатно културно-историско богатство.

Од некогашните 13 кули, денеска се зачувани 6 камени зданија, а од нив  3 се обновени и се достапни за туристите. Тоа се Саат кулата, Симиќевата и Златковата кула, со кои раководи Музејот на град Кратово.

Според достапните податоци, ,кулите ги изградил великодостојникот Костадин Дејанов. Тие служеле како станбено-одбранбени објекти, а во нив се чувало и богатството. Биле поврзани со подземни ходници  преку кои, во случај на опасност или напад, се извлекувале кратовските достоинственици и вредните предмети.

Кратово изобилува со бројни културно-историски споменици, зачувани артефакти и воодушевувачки приказни  за кои постои голем интерес од туристите од целиот свет.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk