Крива Паланка воведува зонско паркирање во централното подрачје

06.10.2022 10:40 | Жаклина Цветковска

Советот на Општина Крива Паланка ја усвои Одлуката за воведување на зонско паркирање во централното градско подрачје.

Крива Паланка воведува зонско паркирање во централното подрачје

Одлуката следува по спроведената јавна анкета на која 53 отсто од граѓаните се изјасниле „за“ воведување на зонско паркирање како начин за решавање на сообраќајната прептовареност во центарот на градот.

„Со оваа одлука отпочнува решавањето на сообраќајниот метеж во Крива Паланка како еден од клучните приоритети најавен во мојата предизборна програма . Со зонското паркирање ќе стопанисува ЈП „Комуналец“, што подразбира приходите да остануваат во општината, а цената ќе биде утврдена дополнително, по изработка на основниот проект со финасиска анализа. Очекувам сумата да биде симболична и минимална“, рече градоначалникот Сашко Митовски.

Решавањето на сообраќајниот метеж беше главен приоритет и на граѓаните, посочен пред локалните избори во 2021 година.

„Задолжително ќе следи тест - период од два месеци за прилагодување и адаптација за да се стекне навика кај граѓаните. Дотурот на стока во маркетите и дуќаните на главната улица ќе се врши од 6 до 9 часот наутро и попладне од 17 до 19 часот. За сите жители од станбените згради ќе има повластени услови за парикарње, а сите граѓани ќе можат да користат 10 минути запирање и паркирање без наплата за извршување на обврските“, додаде Митовски.

За сите оние, пак, кои поради работни обврски во раните утрински часови ги оставаат возилата во центарното подрачје, планирано е да се понуди бесплатен алтернативен паркинг.

Оваа одлука не беше поддржана од советниците на „ВМРО-ДПМНЕ“ и коалицијата.

 

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk