Крива Паланка започна со реконструкција и проширување на главната улица “Св.Јоаким Осоговски”

15.12.2023 15:59 | Жаклина Цветковска

Денеска, во присуство на министрите за транспорт и врски Благој Бочварски и за земјоделство, шумарство и водостопанствпо Љушчо Николовски, свечено беше означен почетокот на проектот за реконструкција и проширување на главната улица “Св.Јоаким Осоговски”во Крива Паланка, кој треба да придонесе за решавање на сообраќајниот метеж во централното подрачје.

Крива Паланка започна со реконструкција и проширување на главната улица “Св.Јоаким Осоговски”

Проектот предвидува  проширување на улицата со трета лента и изградба на кружен тек со што ќе се добие ново модерно  и функционално решение за централниот дел од градот.

 „ Од денеска започна реализација на еден од главните капитални проекти за градот, реконструкција на главната улица „Св. Јоаким Осоговски“. Со новото решение целосно ќе се реализира и регулира нормалниот тек на сообраќајот за моторните возила, се воведуваат нови паркинг позиции и комплетно ќе се реализира пешачкиот сообраќај со изградба на широки и модерни тротоари за правилно движење на пешаците. Крива Паланка ќе го го добие и првиот кружен тек како современо решение за надминување на сообраќајниот метеж и овозможување на побрз и полесен проток на возилата“, истакна градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски.

Инвестицијата изнесува  35 милиони денари, обезбедени  преку Министерство за транспорт и врски и проектната програма на Светска банка.  Општина Крива Паланка ќе кофинансира  дополнителни 45 милиони  денари, за да ја продолжи и заокружи целосната реконструкција на оваа улица.

Министерот Николовски, посочи дека позитивните промени му носат на градот многу поволности, со забрзан економски развој, унапредување на туризмот, но и транспортот и движењето на стоките. Минисерот Бочварски, пак, се осврна на инвестиците во изградбата на железничкиот коридор, нагласувајќи дека тоа  се најголемите проекти и инвестиции досега за Крива Паланка во кои се ангажирани и  многу локални компании и граѓани.  

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk