Меѓународна научна конференција „Крива Паланка и кривопаланечко во времето на Отоманската империја“

23.06.2023 08:06 | Жаклина Цветковска

Меѓународна научна конференција посветена на историјата, традицијата и културата на Крива Паланка и Кривопаланечко (Славиште), како и на соседните региони во времето на владеењето на Отоманската Империја од XV до XIX век ќе се одржи  денеска и утре /петок и сабота/  во Крива Паланка. 

Меѓународна научна конференција „Крива Паланка и кривопаланечко во времето на Отоманската империја“

Организатор на конференцијата е Градскиот Музеј од Крива Паланка, со поддршка на Министерството за култура и општина Крива Паланка.

„Целта е да се претстават нови стручни и научни моменти поврзани со административната, воена и цивилна управа на регионот Славиште / Кривопаланечко и соседните региони, формирањето на военото утврдување ЕГРИ ДЕРЕ, народностниот и етнички состав на населението, јазикот, верските традиции, стопанството и економијата, вооружениот отпор и востанија, како и националната и духовна преродба во овој историски период“, истакнува Драган Величковски, директор на Градскиот музеј од Крива Паланка.

На конференцијата ќе учествуваат реномирани истражувачи – отоманисти, како и историчари, историчари на уметност и етнолози од РС Македонија и од Бугарија, Србија, Турција и Косово, кои ќе презентираат околу 20-тина научни трудови.

Финалните стручни текстови, заедно со прилозите и визуелниот материјал, ќе бидат сместени во стручното списание на Градскиот музеј „Славишки зборник“ бр. 4, кое треба да биде испечатено до крајот на годината.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk