Министерката за култура Костадиновска Стојчевска го претстави новиот проект во Крива Паланка

23.08.2023 19:18 | Жаклина Цветковска

НУ Центар за култура од Крива Паланка доби 800.000 денари финансиска поддршка од Министерството за култура за изработка на проектно-техничка документација за целосна  реконструкција и адаптација на објектот кој повеќе  децении не е обновен.

Министерката  за култура  Костадиновска Стојчевска го претстави новиот проект во Крива Паланка

Новиот проект  го промовираше  министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска на прес конференција во Крива Паланка , која  истакна дека  зајакнувањето на културниот сектор има позитивно влијание врз сите сегменти на општеството.

„Финансиската поддршка  за овој проект, предложен од општината,  е обезбедена преку Програмата за користење средства за капитални дотации за единиците на локалната самоуправа во областа на културата. Со него се предвидува изработка на проектна документација за реконструкција на влезот и холот, кино салата, реконструкција на библиотеката, мултифункционален простор за камерни настани, набавка на аудио и визуелна опрема, нов систем за греење и ладење“, истакна Костадиновска Стојчевска.

 

Таа посочи дека идната година општината може да аплицира за средства за реализација на првата фаза од проектната документација преку истата програма, како и преку Програмата на министерството за култура за тековно одржување и други расположиви фондови.

 

Градоначалникот на Крива Палаака, Сашко Митовски, подвлече дека Центарот за култура нема добиено и направено поголеми инфрастуктурни интервенции речиси 40 години, освен санација на кровната конструкција пред повеќе од 10 години и санација на ентериерот на кино салата  минатата година.

„Она на што ќе работиме во понатамошниот период е обезбедување средства овој проект да се реализира и да се изврши комплетна реобнова на објектот, каква што заслужува  една национална установа. Ние како општина особено значаен акцент ставаме на културата, а во рамките на Кривопаланечко културно лето 2023 за само два месеци имаме реализирано околу 50-тина настани. Оваа година, пак, за културата општината издвои 8 милиони денари“, рече Митовски.

Директорот на Центарот за култура, Антони Стојановски визуелно ги претстави сите просторни капацитети , укажувајќи на нивните големи ошетувања и потребата од санација и реконструкција.

„Како културно јадро во градот треба да имаме функционални и просторни капацитети  и да одговориме на современите трендови во културата. Затоа, инвестициите се неопходни, а со нашите залагања на културен план и покажаните резутатите , сметаме дека заслужуваме да бидеме поддржани од Министерството за култура, општината и од други институции“, посочи Стојановски.

На прес конференцијата, воедно, беа најавени фестивалските празнувања по повод општинскиот празник „Св. Јоаким Осоговски“, меѓу кои и истоимениот меѓународен фолклорен фестивал кој ќе го отвори министерката Констадиновска Стојчевска.  

 

 

 

 

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk