Младите од Кратово се иселуваат, им недостасува парк, кино, театар

26.06.2021 12:15 | KumanovoNews

Бројот на млади лица во Кратово континуирано се намалува, а иселувањето е една од клучните причини за овој проблем.

Младите од Кратово се иселуваат, им недостасува парк, кино, театар

Заради миграцискиот тренд, во основното и средно образование се осипува бројот на ученици, па така во СОУ„Митко Пенџуклиски“, во учебната 2020/21 година биле запишани само околу 200 ученици.

Иако нема ажурирани демографски податоци, според последниот попис на населението од 2002 година бројот на млади од 15-29 години изнесувал 2.288, а според проценките на Државниот завод за статистика од 2015 година нивниот број се намалил на 1.825. 

Сепак, овие податоци се однесуваат само на проценки, заради што се дискутабилни, а реалниот впечаток е дека бројот на младите е преполовен“, се наведува во истражувањето на Локалниот младински совет од Кратово, наменето за детектирање на потребите на младите и планирањето на активностите.

Според резултатите од истражувањето, слободното време младите најмногу го поминуваат во дружење со пријателите, прошетки, на социјалните мрежи и во спорт и рекреација, а многу помалку во читање книги. 

Најмногу им недостасува парк, кино, театар, спортски клубови, вработување,музички настани, а најмногу сакаат да дискутираат за спортски настани, кинотечната дејност, за хуманитарни активности и сл.

Младите чувствуваат потреба од советување и поддршка за вработување, а најчесто би се обратиле во Агенцијата за вработување.  Доколку би имале бизнис идеја во Кратово би оделе до крај да ја реализираат, но висок број сметаат и дека нема потреба воопшто да се обидуваат“, се наведува во заклучоците на Локалниот младински совет. 

Но, и покрај  апатичноста и пасивноста кај  младите, сепак голем број од нив изразиле интерес за волонтерски активности , односно 41,2%. 

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk