На Табановце и денеска редици за влез во Србија

28.03.2021 07:26 | KumanovoNews

Македонските граѓани и денеска заминуваат на вакцинација во соседна Србија, па поради зголемена фреквенција на возила за излез од државата се чека повеќе од половина час.

На Табановце и денеска редици за влез во Србија

„На граничниот премин Табановце, поради зголемен интензитет, чекањето за излез од државата е околу 40 минути. На останатите гранични премини, од македонската страна нема подолги задржувања за влез и за излез од државата“, соопштуваат од АМСМ.

Состојбата на границата беше слична и вчера, кога повеќе илјади граѓани заминаа да се вакцинираат во Ниш и Белград.

Во Ниш се вакцинираа стопанствениците, за кои имунизацијата ја организираше Стопанската комора на Србија, а во Белград патуваа граѓаните кои се пријавиле за вакцинирање како странски државјани преку официјалната страна на Институтот за јавно здравје на Србија.

Српските власти ги повикаа граѓаните кои немаат закажан термин да не патуваат, бидејќи нема да можат да се вакцинираат.

Министерот за здравство Венко Филипче кажа дека македонските граѓани кои првата доза на вакцината ја примиле во Србија ќе имаат можност доколку така одлучат ревакцината да ја примаат во нашата земја. Тој додаде дека веќе се подготвува начин како овие граѓани да влезат во нашиот здравствен систем како вакцинирани против ковид-19.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk