Објавен конкурсот за запишување во средните училишта, познати и компаниите за практична настава

04.04.2021 10:12 | KumanovoNews

Министерството за образование и наука го објави Конкурсот за запишување ученици во средното образование за учебната 2021/2022 година.

Објавен конкурсот за запишување во средните училишта, познати и компаниите за практична настава

Учениците кои завршуваат основно образование ќе имаат можност за запишување во средните училишта, според наставните планови и програми, кои се донесени врз основа на кампањата „Учи паметно, работи стручно“, усогласени со потребите на пазарот на труд. Акцентот е ставен на дуалното образование, кое опфаќа соработка со компаниите и практична работа, како и отворање на нови струки според потребите во општините и регионите.

Учениците ќе можат да бираат да се запишат во гимназиско образование, стручно образование (техничко образование - четиригодишно траење, стручно образование за занимање – тригодишно траење и двегодишно траење), средно уметничко образование и средно образование за ученици со посебни образовни потреби.

Во Североисточниот регион на располагање се образовните установи во Куманово, Липково, Крива Паланка и Кратово.

Во СОУ„ Гоце Делчев“ во Куманово предвидено е во прва година да се запишат вкупно 340 ученици, во 10 паралелки , кои ќе имаат можност да следат настава на македонски и српски јазик, а ќе има и една македонско – француска билингвална паралелка.

Во СОУ „Сами Фрешери“ во прва година ќе се запишат 238 ученици, во 7 паралелки, со настава на албански јазик.

Во СОУ „Перо Наков“ предвидено е да се запишат вкупно 508 ученици, во 16 паралелки, со настава на македонски и албански јазик. На располагање на учениците им се : економско-правна и трговска струка, текстилно - кожарска струка и уметничко образование – ликовна уметност и дизајн. За овие струки обезбедена е и соработка со компаниите: ЈП Чистота и Зеленило, Фрагмат – мак, Мултим консалтинг, Микротим, Јуниор, Мега, Естрела- м конт, Елида, Селман туризам, Профи конто, Уни кондор, Уеб, Љикова 2017, Тиди Фешн, Ти Ми Фешн, Салса, ВЕС-КО Атеље, Босут и Контеса.

Во Средното техничко училиште „Наце Буѓони“ во прва година ќе се запишат 646 ученици во 19 паралелки, со настава на македонски и албански јазик.Учениците ќе можат да се определат за машинска, електротехничка или здравствена струка.

ДСУ-Регионален центар за стручно образование и обука „Киро Бурназ“ во прва година има на располагање слободни места за 397 ученици во 13 паралелки, со настава на македонски и албански јазик. Во овој центар учениците ќе можат да изучуваат една од следните струки: земјоделско – ветеринарна, хемиско - технолошка и машинска струка, како и лични услуги- козметичар и фризер. За практичната настава обезбедена е соработка со компаниите Адут ГВН, Стив – ВЕТ, Мо-Ша Мел, Термолифт и Делукс Ауто.

Во СОУ„Исмет Јашари“ во Липково во прва година гимназиско образование предвидено е да се запишат 136 ученици во 4 паралелки со настава на албански јазик.

Во СОУ„Ѓорче Петров“ од Крва Паланка, според наставните планови и програми, ќе се запишат вкупно запишат 270 ученици, во 9 паралелки, со настава на македонски јазик. Тие може да бираат помеѓу гимназиско образование, машинска, електротехничка или угостителско - туристичка струка, а од оваа учебна година за првпат е воведена и здравствена струка. За дуалното образование договорена е соработка со компаниите ДЕМА СТИЛ, АД ПРОЛЕТЕР и ПАРК ГИНОВЦИ Ранковце.

Во кратовското СОУ „Митко Пенџуклиски“ , пак, во прва година ќе се запишат 102 ученика, во 3 паралелки, и тоа гимназиско образование и угостителско - туристичка струка.

Јавните средни училишта се должни интерните огласи да ги објавуват на јавно место во училиштето, најдоцна до 23 април 2021 година. Пријавувањето и запишувањето на учениците ќе се врши во еден уписен рок со три пријавувања во месец јуни.

(Фото. архива)

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk