Одрони и излевање на реките во Крива Паланка

11.01.2021 12:39 | KumanovoNews

Одрони и излевање на водата од речните корита на повеќе места регистрирани се на подрачјето на Крива Паланка, предизвикани од обилните врнежи во изминатите денови.

Одрони и излевање на реките во Крива Паланка

Најкритична точка е свлечиштето на патниот правец кон село Станци, каде е забележан нов одрон.

„Во текот на вчерашниот ден, веднаш по дојавата, испратена е механизација со која е интервенирано на расчистување на одронот. Ги молиме граѓаните да имаат разбирање и да бидат стрпливи, затоа што овој проблем е повеќегодишен и интензивно се работи на негово целосно решавање. Ги преземаме сите мерки за санација на локалитетот и проодност на овој патен правец, апелира градоначалникот на Крива Паланка“, Борјанчо Мицевски.

Тој посочува дека за решавање на проблемот со свлечиштето, кое е од големи размери и бара системско решение, се работи на обезбедување проектна документација и на потребните средства.

„Веќе имаме комплетна документација за патен правец со премин пред свлечиштето, а работиме и на друг проект за изградба на нов патен правец, кој ќе се надоврзува на постојниот пат. Целта ни е да обезбедиме сигурен и безбеден пат за жителите од овој реон и да ги избегнеме опасностите од постојаните одрони“, вели Мицевски.

Поради зголемениот водостој излеана е и Крива Река на неколку места во централното градско подрачје и во населбата Бегови Бавчи.

Истовремено, регистрирано е излевање на водата од речното корито и во село Огут. Општината и надлежните служби интензивно работат на санирање на штетите.

(Ж.Цветковска)

(Фото. Фејсбук)

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk