Одземени 250 килограми грицки со поминат рок кои се продавале на пазари за стари работи

31.03.2025 11:03 | KumanovoNews

При рутинска контрола на патничко моторно возило полицијата откриле поголема количина на кондиторски производи со поминат рок.

Одземени 250 килограми грицки со поминат рок кои се продавале на пазари за стари работи

Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во соработка со МВР извршиле претрес на домот на возачот на возилото, при што пронашле 34 пакети со т.н. флипс производи и 35 пакети оризови барови со различни вкусови, грицки и други кондиторски производи во количина од 250 килограми. 

Утврдено е дека пронајдените производи се со поминат рок по што, како небезбедени, биле одземени од инспекциските служби на АХВ.

Како што информира АХВ, производите биле набавени од различни магацини и се нуделе и продавале на скопскиот пазар за стари работи во Маџари, како и на пазарот во Шуто Оризари во Скопје.

„Сторителот е казнет со парична казна од 400 евра во денарска противвредност. Издадена е и наредба за уништување на небезбедните производи“, наведува АХВ.

Агенцијата за храна и ветеринарство продолжува со спроведување мерки за сузбивање на нелегална трговија со храна, за која може да пријават и граѓаните на бесплатната телефонска линија за потрошувачи 0800 3 22 22, електронска на [email protected], или лично во Агенцијата. 

 

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk