Општина Крива Паланка е избрана за Град на културата за 2024 година

13.02.2024 14:08 | Жаклина Цветковска

Општина Крива Паланка ќе биде организатор на манифестацијата „Град на културата“ во 2024 година, одлучи комисијата по распишаниот конкурс на Министерството за култура. 

Општина Крива Паланка е избрана за Град на културата за 2024 година

По извршената процена на пријавите, а во согласност со приоритетите, критериумите и мерилата наведени во конкурсот, стручната комисија составена од вработени во Министерството за култура оцени дека Општина Крива Паланка има богата програма, која нуди издржан програмски концепт, со различни жанрови и естететика од традиционалното и од современото творештво, со учество на релевантни домашни и странски уметници.

Општина Крива Паланка ќе ги стави во функција инфраструктурните и човечките капацитети и ќе овозможи културна содржина во текот на целата година, како и меѓународна поврзаност и соработка во културата. Во програмата се содржани 55 проекти од сите дејности, кои подразбираат достапност на културата за сите во Општината и учество на многу млади домашни уметници и автори.

Манифестацијата ќе започне во март и ќе се одвива до крајот на годината.

Конкурсот беше објавен на Националниот портал за е-услуги: https://uslugi.gov.mk. На конкурсот, апликација достави и Општина Велес.

Манифестацијата „Град на културата“ почна да се реализира во 2004 година со цел создавање услови за рамномерен културен развој, достапност на културните вредности за граѓаните, како и заживување на културата на локално ниво. На конкурсот учествуваат општините во Република Северна Македонија, со исклучок на Град Скопје и општините во Град Скопје.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk