Длабочица и Бајловце дел од „Бесконечната“ планинарска патека долга 2.000 километри

24.11.2023 07:39 | Оливера Пешевска

Планинари од Куманово, Крива Паланка, Кратово и Ранковце ќе се приклучат кон иницијативата „Самијана - Македонска бесконечна трансферзала“.

Длабочица и Бајловце дел од „Бесконечната“ планинарска патека долга 2.000 километри

Планираат да се сретнат со иницијаторите и членови од Планинарската федерација на Македонија за да дадат свои предлози за планинарски патеки во Североисточниот регион, кои ќе бидат вклучени во проектот.

„Со Самијана е опфатен планинарскиот дом Длабочица, со водопадите и патеката која се спушта до Бајловце. Би сакале да се изврши маркација и на патеките на Герман, Билино, Тукац, Козјак, Чукино брдо, стазите на Грдачка планина и врвот Кукуљатица. Но, за тоа-потоа. Инаку целосно поддржуваме една ваква иницијатива“, вели Марко Цветковски, член на ЗПЗП „Козјак 2013“ од Куманово.

Самијана - Македонска бесконечна трансферзала е непрекината пешачко- планинарска патека со должина од 2070км која поминува низ огромен број природни убавини, историски локалитети и други знаменитости на територијата на Македонија. Поминува низ поголемиот дел на територијата на Македонија, а трасата се стреми кон дивината, т.е. подалеку од цивилизација. Поминува преку или најчесто во подножјето на сите попознати и голем број помалку познати планински врвови.

Најниската точка на патеката ќе биде на 103, највисоката на 2.520 метри надморска височина, а потребното време за поминување на целата трансверзала се проценува на 70-100 дена.

Иако се уште во фаза на формирање, веќе е познато дека патеката е најдолга на Балканот. Поголемиот дел од неа, односно околу 1500км се нови патеки, но за целата должина ќе има прецизни и детални мапи и ГПС записи, добро документирани и со сите потребни информации за домашните и странски уживатели-точни информации за извори на вода , погодни места за кампување, информации за околината и слично, така да станат примамливи за планинари кои не ги познаваат овие патеки и околината. Целта на овој проект е Македонија да добие долгометражна патека која ќе биде убава за движење, јасна и маркирана на терен, а дополнително прецизно и комплетно дигитално мапирана на ниво на сите поголеми светски трансверзали.

И покрај одличните услови, Македонија досега немаше патека од ваков тип. Најдолга е Западната трансверзала со должина од околу 170 километри. 

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk