Промовирана публикација и арт филм посветени на сликарот Димитар Стојчевски

01.12.2021 18:54 | Жаклина Цветковска

Со промоција на публикацијата „Магнет – Од увото до окото и назад“ и арт филм заврши одбележувањето на месецот ноември, како месец посветен на првиот академски сликар од Крива Паланка Димитар Стојчевски, доајен на македонското современо сликарство и еден од основачите на Меѓународната ликовна колонија „Свети Јоаким Осоговски“.

Промовирана публикација и арт филм посветени на сликарот Димитар Стојчевски

Автор на публикацијата и арт филмот, кои се збирка од филозофијата на животот, разговори, архивски материјали и асоцијации, е Кирила Цветковска, историчарка на уметност, кураторка и уметница.

„Магнет е експеримент за изнаоѓање на алтернативни начини на пренесување на одредена мисла, нејзино зачувување и надоградување. Како што четката или моливот се продолжеток на една рака, така и сеќавањето продолжува нечиј живот. Разговорот не запира, туку се претвора во шепот за да се пренесе внимателно од едно до друго уво и да го стопли телото“, забележува авторката Цветковска.

 

Во чест на Димитар Стојчевски во текот на месец ноември постхумно беа организирани повеќе изложби, промоција на документарен филм и на монографија за Стојчевски од ликовниот критичар и уметник Гоце Божурски.

Организатор на сите настани е Градскиот музеј од Крива Паланка, во соработка со Министерството за култура, општина Крива Паланка, Меѓународната ликовна колонија „Свети Јоаким Осговски“, НУ Центар за култура и Центарот за аудиовизуелни уметности.

„Димитар Стојчевски беше уметник кој не задолжи со своето творечко дело и со белегот што го остави во македонската ликовна уметност. Неговата скромност и ненаметливост можеби беа причина да не биде доволно вреднувано неговото творештво, но неговата оставина е бесценета и допрва ќе ја добие вистинската вредност“, истакна Драган Величковски, директор на Градскиот музеј од Крива Паланка.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk