Промовирана стихозбирката „Топли одрони“ од поетесата Ирена Белешковска

04.04.2023 11:46 | Жаклина Цветковска

Во EU House Крива Паланка беше промовирана стихозбирката „Топли одрони“ на  поетесата Ирена Белешковска, која претставува нејзино поетско деби со кое  најавува  ново и надежно  поетско име на книжевната сцена.

Промовирана стихозбирката „Топли одрони“ од поетесата Ирена Белешковска

Промотори на стихозбирката беа претседателот на Друштвото на писатели Христо Петрески и Кристина Николовска, раководителка на Катедрата за македонска книжевност и култура при ФЛФ, УКИМ, кои ја најавија Белешковска како исклучителен  талент  со изграден и препознатлив стил од која се очекуваат  нови книжевни возбудувања.

„Белешковска е редок автор дебитант кој има свој  специфичен поетски глас. Уште на самиот почеток,  авторката храбро изјавува дека размислува хамлетовски, а ние велиме дека тоа е поетска игра, потрага по вистината и убавината, стихови нанижани во носталгични и меланхолични препеви. Нејзините пориви и преокупации се неуморни, незапирливи, ненаситни, или како што вели самата аворка тие се кош на спокој и празнина. Постојано е исправена пред невидливиот штит, резигнирана и разочарана што не сме безгрешни, па ја привлекува и облагородува нагонот и стремежот од безгрешноста. Нејзините песни се во вид на концизни, јадровити и лапидарни форми, а напевите длабоко доживеани, искуствени и егзистенцијални и се води од мотото- никому не ветувај, ама и не верувај“, истакна промоторот Петрески.

Промоторката Николовска рече дека Белешковска како активен книжевен и литературен афирматор е потенцијал чии мисли во дебитантската книга  ги препознаваме како потрага по боите на животот, како ронење на феноменот живот кој врви и се одронува.

„Ронењето како моќен глагол  кој дејствува во стихозбирката „Топли одрони“  ги води конците на замислата на поетесата. И така се рони времето, солзата, љубовта, животот, па така и одроните на Белешковска се топли, човечки и лирски. Целата стихозбирка функционира како невидлива семантичка мрежа, распослана низ стиховите кои длабински  се контролирани“, подвлече Николовска.

Организатор на промоцијата е НУ Центар за култура Крива Паланка, со поддршка на Министерството за култура.

Ирена Белешковска е од Крива Паланка , дипломиран филолог по македонска книжевност и јужнословенски книжевности. Долгогодишен член е на Литературниот клуб „Калин“ при НУ Центар за култура Крива Паланка, новинар - дописник на МИА и истакнат спортски работник.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk