Синдикалната кошничка поскапе за 521 денар, изнесува 67.773 денари за четиричлено семејство

21.02.2025 08:26 | KumanovoNews

Синдикатот ја објави минималната синдикална кошничка за февруари – 67.773 денари за четиричлено семејство.

Синдикалната кошничка поскапе за 521 денар, изнесува 67.773 денари за четиричлено семејство

За Сојузот на синдикатите на Македонија виновни се трговците, а владините мерки за намалените маржи ги оцени како позитивни.

Поскапувањето во делот на храна и пијалаци е 229 денари, а најмногу скокнале цените кај млечните производи како путерот и урдата и кај дел од зеленчукот. Ако се спореди со февруари минатата година пак, синдикалната кошничка е потешка за 6.297 денари, а делот на храна и пијалаци поскапел за 2.208 денари.

Од вчера на сила се владините мерки за ограничени маржи и највисоки цени за над илјада производи кои ќе траат до 30 април.

„За жал и новата пресметка на февруарската синдикална минимална кошничка покажува дека трговците повторно ги зголемуваат цените на грбот на граѓаните и работниците, особено користејќи го периодот од една до друга мерка кои ги креира Владата“, изјави Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.

Владата во вторникот донесе одлуки за скалести маржи од 5,10 односно 15 отсто на 102 групи производи и замрзнување на цени на 8 производи на нивото од 1 февруари.

Шеќерот, млечни производи, маргарин, путер, грав, конзервиран зеленчук и овошје, газирани сокови, пиво, вино ќе бидат со маржа од 10 проценти, а со 15 дел од свежото овошје и зеленчук, детергенти, средства за хигиена,  и бебешка храна.

Од новоформираната Стопанска комора на трговци на големо и мало велат дека владините одлуки се неисправни и бараат итна средба со премиерот.

 

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk