Свлечишта и одрони по поројните дождови во Крива Паланка (фото)

14.06.2023 16:06 | Жаклина Цветковска

Повеќе свлечишта  и одрони се регистрирани на подрачјето на Општина Крива Паланка, која деновиве беше зафатена од обилни врнежи од дожд.

Свлечишта и одрони по поројните дождови во Крива Паланка (фото)

Штети од неповолните временски прилики се предизвикани на повеќе локации и тоа на: ул.„8 Октомври“ Сааат маала, населбата Белево, ул.„Гоце Делчев“, ул.„Осоговска“, ул.„Моша Пијаде“, населба Скрљава, Трештен Дол и ул.„Калин Камен.

На терен се мобилизирани сите надлежни служби, а Општинскиот штаб за заштита и спасување одржа состанок на кој донесе повеќе заклучоци за преземање итни мерки.

„Службите во општината, ЈП „Комуналец“, како и сите други надлежни служби активно да ја следат состојбата на терен за обезбедување навремени и точни информации и податоци за правилна анализа и проценка на потенцијалните ризици на сите критични места, да се формираат дежурни екипи кои ќе бидат во приправност, да се  постави соодветна сигнализација и обезбедување или целосно затворање за сообраќај на критичните локални улици и патни правци“, се дел од заклучоците на Општинскиот штаб.

На терен особено ќе се следат и евидентираат свлечиштата кои сериозно го загрозуваат имотот и животот на граѓаните, но и евентуални дополнително појавени критични точки за кои ќе се бара  соодветна владина поддршка и помош. Во меѓувреме,  Општина Крива Паланка  се задолжува да спроведе итна јавна набавка за градежно-занатски работи и механизација за итна превенција и санација на сите свлечишта на пријавените критични точки.

Општинскиот кризен штаб им препорачува на граѓаните од загрозените подрачја и објекти, во зависност од проценката на безбедноста,  да ги напуштат привремено своите живеалишта, а Штабот ќе им обезбеди евакуација и згрижување, доколку состојбите и проценката на безбедносниот ризик налагаат такви мерки.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk