Туристичките атракции на Крива Паланка, Ќустендил, Невестино и Кокино ќе го поврзуваат регионот

29.04.2025 14:11 | Жаклина Цветковска

Со поддршка од околу 1 милион евра од Европската Унија, започнува реализацијата на нов интегриран туристички проект кој значително ќе ја зголеми атрактивноста на Североисточниот регион на Македонија и пограничните општини од Бугарија. 

Туристичките атракции на Крива Паланка, Ќустендил, Невестино и Кокино ќе го поврзуваат регионот

Проектот се спроведува во рамките на ИПА Програмата за прекугранична соработка меѓу двете земји.

Проектот со наслов „Прекугранична атрактивност – смарт туризам во регионот Ќустендил – Крива Паланка – Невестино“ обединува шест партнери: Општините Ќустендил и Невестино од Бугарија, Општина Крива Паланка, Центарот за развој на Североисточниот плански регион Куманово, Националната установа Музеј Куманово и Трговско-индустриската комора на Ќустендил.

Проектот има за цел да создаде модерен туристички пејзаж преку подобрување на инфраструктурата, развој на дигитални и иновативни туристички производи, зголемување на конкурентноста и зајакнување на прекуграничната соработка. Во Крива Паланка и Ќустендил ќе бидат изградени тематски паркови, а локалитет на мегалитската опсерваторија Кокино ќе биде
заштитен со соодветна ограда за спречување на негово уништување.

„На локалитетот Калин Камен ќе уредиме адреналински парк на површина од 2.000 м², со што значително ќе ја збогатиме туристичката понуда и ќе привлечеме нови посетители. Овој објект ќе биде еден од првите од ваков вид во земјата и ќе придонесе за промоција на природните убавини на Осоговието,“ изјави Сашко Митовски, градоначалник на Крива Паланка, на денешната прес- конференција.

Тој додаде дека Општината е подготвена за уште еден ИПА проект – „Културна област“, што ќе го спроведува ЛУ Градски музеј Крива Паланка. „Со вклучување во европските програми покажавме сериозен капацитет и остануваме лидер во регионот во искористувањето на европските фондови,“ нагласи Митовски.

Младен Протиќ, директор на Центарот за развој на Североисточниот плански регион, потенцираше дека проектот создава одржлива и интегрирана туристичка понуда која ги поврзува луѓето, ја зајакнува локалната економија и го промовира туристичкото богатство на регионот.

„Проектот предвидува спроведување на обуки и работилници, анализа на туристичкиот пазар,изработка на туристичка стратегија, дигитална велосипедска мапа, документарен филм и друг промотивен материјал со цел јакнење на капацитетите и зголемена видливост на туристичките ресурси,“ истакна Протиќ.

Проектот ќе трае две години и има за цел да создаде одржлив, поврзан и атрактивен туристички регион, кој ќе одговара на потребите и очекувањата на современите туристи.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk