Во Крива Паланка на „Сусурига 2024“, на маскенбал и огнено шоу

16.03.2024 12:49 | Жаклина Цветковска

Општина Крива Паланка годинава за првпат ја организира манифестацијата  „Сусурига 2024“ , која ќе се одржи денеска /сабота/, на Градскиот плоштад, со почеток во 18 часот, со што и официјално започнува програмата на „Крива Паланка – Град на културата 2024“.

Во Крива Паланка на „Сусурига 2024“, на маскенбал и огнено шоу

Манифестацијата е посветена на празникот Прочка, а целта е заживување на згаснатата традицијата за маскирање и ритуално палење оган, познато како  сусурига, назив  што се среќава единствено во Крива Паланка.

На програмата е ревија на групни (маалски) маски на локалните групи, како и дефиле и настап на групите: Бамбурци од Ратево, Берово, Џоломари од Манастирец, Росоман и Кукери од  Пиперков Чифлик, Ќустендил, Бугарија.

Специјални гости на вечерта се членовите на групата „Паљачи“ од Варна, кои ќе изведат атрактивно Огнено - светлечко шоу.

Целиот настан ќе се одвива под маски и ќе има забава за сите граѓани. Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, симболично ќе го запали ритуалниот оган, по што ќе следува традицијата на прескокнување на огнот и црнење на лицето – вековен обичај на кривопаланчани.

Градскиот маскенбал „Сусурига 2024“ е дел од манифестацијата Крива Паланка – Град на културата 2024, која ќе се реализира од мај до декември и која опфаќа над 50 атрактивни настани.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk