Во Крива Паланка сe одржа турнир во мал фудбал во чест на загинатите бранители

19.05.2025 10:43 | KumanovoNews

Со меморијален турнир во мал фудбал во Крива Паланка вчера беше оддадена почит на загинатите припадници на МВР и АРМ. 

Во Крива Паланка сe одржа турнир во мал  фудбал во чест на загинатите бранители

Пред споменикот на бранителите, сместен пред полициската станица, беа положени цвеќиња од страна на претставници од МВР, АРМ, локални институции, политички партии и здруженија на граѓани.

По церемонијата, во спортската сала „Бранители 2001“ започна турнирот во мал фудбал, организиран од здружението „Херои на Македонија“, под покровителство на општина Крива Паланка. Го проследија бројни делегации, меѓу кои и претставници на локалната самоуправа, предводени од градоначалникот Сашко Митовски.

„Денеска им оддаваме почит на бранителите од нашиот град. Положивме цвеќе пред споменикот што сведочи за заветот што ни го оставија вградувајќи се во вечноста. Тие ги положија животите за денешниот мир, а ние им оддаваме чест – да не се заборави, да се памети, чува и пренесува споменот за нив“,кажа градоначалникот Митовски.

Претседателот на здружението „Херои на Македонија“, Владе Стојановски, нагласи дека турнирот е спортско величење на херојството на тројцата загинати бранители од Крива Паланка – Јане Јакимовски, Горан Стојановски и Момир Стојановски, од редовите на МВР, како и Орце Илиевски, од редовите на АРМ, кои херојски загинаа во 2001, оставајќи тага и неизбришлива рана, болка, во срцата на најблиските, на семејствата, но и во целата земја. 

„Преку спортските средби што се одржуваат во секој град под покровителство на општините, што веќе 23 години се негува, го чуваме нивното име од заборав“, кажа  Стојановски.

Никола Митовски

(Фото: Општина Крива Паланка)

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk