Во Кривопаланечко отсечени повеќе планински села

15.02.2021 13:57 | KumanovoNews

 Повеќе оддалечени планински села во општините Крива Паланка и Ранковце останаа отсечени по обилните снежни врнежи овој викенд, а надлежните прават напори за расчистување на локалните и регионални патишта.

Во Кривопаланечко отсечени повеќе планински села

Се уште непроодни се патните правци кон селата Дренак, Борово, и Нерав во Кривопаланечко, како и регионалниот пат кон Герман, Пклиште, Станча и Гулинце во Ранковце.

„Викендов интензивно работевме на расчистување на градските и приградски населби, кои 99 отсто веќе се проодни и исчистени. За овие 2 дена употребени се 16,5 кубика ризла и 5 и пол тони сол, а во моментов се собира и отстранува насобраниот снег од тротоарите. Истовремено, работиме и на локалните патишта кон селата Конопница и Мождивњак, кои во најголем дел се исчистени, а чекаме екипите на „Македонија пат“ да го расчистат регионалниот пат Крива Паланка-Огут, па ние да продолжиме со пробивање на локалниот пат кон Нерав. Потоа, ќе интервенираме и на патниот правец кон Метов и други локални патишта, вели директорот на ЈП „Комуналец“, Миле Марковски.

„Македонија пат“ викендов работеше главно на расчистување на магистралниот пат кон Бугарија, кој е прооден и е укината забраната за движење на товарни возила. Во моментот механизацијата е ангажирана на расчистување на регионалните патишта кон селата Огут и Луќе, а се очекува да пристигне механизација од Скопје за пробивање на регионалниот пат Ранковце-Герман.

Инаку, најголем дел од локалните патишта во овие две општини се проодни, во зимски услови, претежно за теренски возила.

И понатаму останува проблем со кривопаланечкото село Дренак, кое секоја година останува завеано повеќе месеци, доколку има обилни снежни наноси. Проблемот е што патот е тесен и во најголем дел земјен пат, што ја отежнува интервенцијата со механизација. На жителите од ова село, претежно стари луѓе, досега повеќепати им се обезбедуваше храна, лекови и други продукти со помош на хелихоптер.

(Ж.Ц.)


Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk