Во Старо Нагоричане се одржа состанок за превенција од поплави и пожари во пресрет на сезоната

04.04.2025 16:23 | Оливера Пешевска

Во Општината Старо Нагоричане денеска се одржа работен состанок на кој се разговараше како да се спречи појавата на  поплави и пожари на отворено во летниот период. 

Во Старо Нагоричане се одржа состанок за превенција од поплави и пожари во пресрет на сезоната

На состанокот присуствуваа раководители на сектори на локалната самоуправа, полициски службеници од Граничниот премин Пелинце, Полициската станица во Старо Нагоричане и станицата од Општа надлежност Куманово, командирите на противпожарните единици од Старо Нагоричане и Куманово, претставници на „Национални шуми“ и Центарот за управување со кризи.

Ова е првата во низа планирани средби каде подетално ќе се разгледуваат можностите на локалната самоуправа за справување со овие непогоди, но и ќе се зацврсти соработката со надлежните служби од Куманово.

Акцент е ставен на детектирање на критичните точки за појава на пожари или поплави, како и превентивните мерки кои ќе бидат преземени во наредниот период.

„Ќе се сконцентрираме на едукација на населението, ќе бидат поделени флаери на темата, ќе се прават вежби и работилници со децата во училиштето. Сакаме да воспоставиме поголема координација на локално ниво, но со гостите од Куманово разговаравме за зајакнување на соработката и помошта која ја пружаат во критични моменти“, истакна заменик градоначалникот Бобан Цветановски.

За пожарникарите од Старо Нагоричане најголем проблем е стариот и амортизиран возен парк. Лична опрема добија како донација кон крајот на 2024 година- униформи со врвен квалитет за пожари на отворено: чизми, шлем, ракавици, јакна, кошула и панталони. За колегите од Куманово нагласуваат дека имаат одлична сорабтока и разбирање и дека без нивна асистенција многу потешко би се справиле со пожарите на територијата под нивна надлежност. 

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk