Хеликоптери се вклучија во гаснењето на пожарите во Малотино и Рамно за да не се прошират кон соседните села

01.08.2024 10:49 | Оливера Пешевска

Пожарникарите од Старо Нагоричане со поддршка на припадниците од другите институции со крајни сили се обидуваат да спречат  пожарот од селата Малотино и Рамно да се прошири кон соседните села. 

Хеликоптери се вклучија во гаснењето на пожарите во Малотино и Рамно за да не се прошират кон соседните села

Тие се сконцентрирани да ја одржат линијата на огнот и да не дозволат да се префрли на другата страна од патот. Во спротивно тоа би значело големо проширување на пожарот кој во овој момент е од 3 до 4 километри.

„Имаме воздушна поддршка, српскиот хеликоптер и хеликоптерот на МВР дејствуваат од раните утрински часови. Делуваме сите 9 пожарникари од единицата од Старо Нагоричане, 30 припадници на армијата, екипа од 5 лица на ЈП „Национални шуми“, но никако да го ставиме огнот под контрола и да го локализираме пожарот во Малотино и Рамно“, истакна командирот Далибор Трајковски.

Споменатите села се наоѓаат на релативно непристапни терени, па за превоз на луѓе се користат џип возила. Гори мешана шума- јавор и даб, како и борова шума.

На територијата на општина Куманово ситуацијата е мирна и стабилна. Пожарникарите имале 3 интервенции во изминатото деноноќие, пожари од помали размери кои рутински биле санирани. Горело стрниште во селото Романовце и сува трева во населбата Јане Сандански и Зелен рид.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk