Жените-лидерки ја подигаат јавната свест за важноста на менталното здравје кај младите

08.11.2023 12:32 | Жаклина Цветковска

За менталното здравје на младите нема многу податоци, но постоечките истражувања укажуваат на големи проблеми од типот на депресија и анксиозност кај децата и адолесцентите, што се должи на фактори како што се сиромаштијата, социјалната исклученост, изложеноста на семејно насилство и стигмата, беше истакнато на Форумот на заедницата за подигнување на јавната свест за менталното здравје кај децата, адолесцентите и младите, што се одржа во EU House Крива Паланка.

Жените-лидерки ја подигаат јавната свест за важноста на менталното здравје кај младите

Форумот е во организација на Светската здравствена организација (СЗО), во партнерство со  жените-лидерки од локалната заедница и Здружението за одржлив развој БИОМ од Скопје.

„Поминавме  соодветната обука од стручни лица, а сега продолжуваме со организација на форуми и со отворени разговори  во своите заедници.  Преку обуките сфативме колкав предизвик е менталното здравје на младите, наспроти предрасудите и стигмата за овие проблеми и колу е важно да разговараме во интерес на  добросостојбата на учениците“, истакна претседателката на Советот на Крива Паланка, Изабела Павловска, која е една од 5-те лидерки од оваа општина.

За состојбата со менталното здравје кај младите зборуваа проф. д-р Марија Ралева, детски психијатар,  Александра Димитровска, психолог и Зурија Мемедова од Здружението БИОМ, а Борче Николовски ја пренесе пораката на Ане Јохансен, специјален претставник на СЗО.

„Според последното истражување на Универзитетската клиника за психијатрија со поддршка од УНИЦЕФ, околу 30% од адолесцентите имаат умерени до тешки симптоми на депресија, додека скоро половината од нив, 48,4%, изјавиле дека се чувствувале потиштено или тажно подолг временски период во текот на изминатата година“, посочи д-р Ралева.

Најновите резултати од истражувањето за однесување на  децата од училишна возраст (на 11, 13 и 15 г.) во нашата земја, пак, спроведено со поддршка на УНФПА, покажуваат дека дури 57% од девојчињата на 15 години пријавиле чести нерасположенија, речиси секојдневно во последните шест месеци. И задоволството од животот опаѓа со возраста од 11 до 15 години, кај девојчињата многу побрзо отколку кај момчињата.

„Како дел од Заедничката глобална иницијатива на СЗО и УНИЦЕФ за ментално здравје и психосоцијална добросостојба и развој на децата и адолесцентите, воспоставуваме соработка со жени-лидерки од одбрани локални заедници и им помагаме да ја подигнат јавната свест за важноста на превенцијата и навремениот третман на проблемите поврзани со менталното здравје. Целта ни е да им обезбедиме на ангажираните жени-лидерки знаење и алатки и да ги охрабриме да го кренат гласот во средините каде живеат за оваа значајна тема“, подвлече Мемедова.

Целта на форумите е отворена дискусија за распространетите проблеми со менталното здравје кај децата и адолесцентите, запознавање со стратегии и решенија за предизвиците на локално ниво,   ефективните мерки за промовирање на менталното здравје и благосостојба кај младите.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk