Блејк стана 4. најбрз човек во светот

30.06.2012 11:26 | KumanovoNews

Актуелниот светски шампион Јохан Блејк успеа да го совлада најбрзиот човек на светот Усаин Болт на трката на 100 метри на олимписките квалификации на Јамајка, најавувајќи жестока пресметка за тронот во Лондон.

Блејк стана 4. најбрз човек во светот

Блејк постигна време од 9,75 секунди, со што за 11 стотинки постигна подобро време од светскиот рекордер Болт, додека трет низ целта помина поранешниот рекордер Асафа Пауел (9,88). Сите тројца обезбедија виза за настап на Олимпијадата, а Блејк со своето постигнување стана четвртиот најбрз човек во историјата, зад Болт (9,58), Тајсон Геј (9,69) и Пауел (9,72).

Не чувствувам никаков притисок, се е во ред. Пресреќен сум што станав државен првак на Јамајка и како таков што ќе настапам во Лондон – изјави Блејк по рушењето на личниот рекорд од 9,82.

Ова беше прв дуел меѓу двајцата јамајкански атлетичари откако Блејк ја освои светската титула во Даегу минатата година по дисквалификацијата на Болт поради погрешен старт. За Болт ова е прв пораз на патеките по 6. август 2010, кога во Стокхолм загуби од Тајсон Геј.

Болт во Лондон ќе ги брани трите златни медали освоени пред четири години во Пекинг, на 100 и на 200 метри, и на штафетата 4х100 метри.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk