Црна Гора и Норвешка во женското ракометно финале

10.08.2012 07:21 | KumanovoNews

Женските ракометни репрезентации на Црна Гора и Норвешка ќе играат во финалето на олимпискиот турнир во Лондон.

Црна Гора и Норвешка во женското ракометно финале

Вчера репрезентацијата на Црна Гора ја совлада Шпанија со 27:26 и оствари историски резултат, а претходно Норвешка славеше против Јужна Кореја во првото полуфинале со убедливи 31:25.

Црногорките имаа 13:13 по првото полувреме, но со многу подобра реализација во вториот дел стигнаа и до пет голови позитива која со мудра игра успеаа да ја задржат до крајот. Булатовиќ со 9 и Поповиќ со 6 беа најефикасни во редовите на селекцијата која ќе се бори за златните медали.

Норвежанките пак го контролираа резултатот во сите 60 минути против Кореја и не му дозволија на противникот да поведе ниту еднаш (освен со 1:0). Со сигурна игра и постојана предност од неколку погодоци, фаворитот стигна до финалето каде ќе игра против изненадувањето на овој турнир.

Локе со 8 голови беше најефикасна во редовите на Норвешка, а интересно и двете селекции кои изборија пласман во финалето беа на четвртото место во групната фаза, инаку последно кое водеше во четврт-финалето.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk