Дрита Ислами најдобар спортист во 2014 година

13.03.2015 15:02 | KumanovoNews

Дрита Ислами, атлетичарка во атлетски клуб “Куманово“, избрана e за спортист на 2014 година во Куманово.

Дрита Ислами најдобар спортист во 2014 година

Наградата и беше врачена на денешната манифестацијата „Избор на спортист на годината„ која ја организира Општинскиот сојуз на спортови.

Ислами веќе пет години се занимава со атлетика, има бројни успеси, државни рекорди и учество на Светско првенство за младинци во САД. Прв пат добива ваква награда и вели дека е почестена што годинава е најдобра меѓу најдобрите.

“ Навистина се чувствувам убаво. Атлетика тренирам веќе пет години и за тоа време имам постигнато доста добри резултати. Имам четири државни рекорди, две учества на Светско првенство, на Европски и Балкански првенства“ - изјави Ислами.

Втор на листата на спортисти на годината е Стефан Петровски, велосипедист од “Вело-М“.

“Шести пат сум меѓу најдобрите, но оваа година сум второпласиран. 2014 ми беше најуспешна година досега во кариерата, а во 2015 година очекувам уште подобри резултати. Се надевам дека со поддршка од општината ќе постигнам врвни резултати“ - кажа Петровски.

Меѓу најдобрите се и кошаркарот Урош Луковиќ, како најдобар спортист странец, Сашо Илиевски од кик бокс клубот “Куманово 2006“, Димитар Димковски стрелец од “Куманово 2000“ и Ивица Давидовски, велосипедист од “Вело-М“. Наградите ги врачија претседателот на Сојузот на спортови Сашо Петрушевски и градоначалникот Зоран Дамјановски.

“ Во мое име и од име од граѓаните ви честитам за врвните успеси. Продолжете така, и јас се надевам дека ќе дојдат подобри времиња за спортот, “ - рече градоначалникот во своето обраќање пред спортистите.

Надобри клубови за 2014 година се велосипедскиот клуб “Вело-М“, атлетски клуб “Куманово“ и општински стрелачки клуб “Куманово 2000“. Најпопуларен спортски клуб е кошаркарскиот клуб “Куманово“.

Награди имаше и за најдобрите клубови кои се занимаваат со рекреативен спорт, пензионери спортисти, спортисти инвалиди, тренери, спортски работници и други.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk