Два натпревари без публика и казна од 67.000 денари за МКК Куманово поради инцидентот на натпреварот со Феникс

25.11.2024 11:53 | Оливера Пешевска

Два натпревари без присуство на публика ќе одигра МКК Куманово на домашен терен и ќе плати казна од 67 илјади денари по инцидентот кои го предизвикаа навивачите на натпреварот против екипата на „Феникс 2010“, на 16 ноември. 

Два натпревари без публика и казна од 67.000 денари за МКК Куманово поради инцидентот на натпреварот со Феникс

Ова го одлучи комесарот за натпреварување на КФСМ и се смета за жестока казна по случувањата во салата на средното училиште „Перо Наков“ во Куманово.

Пред крај на првото полувреме навивачите фрлија петарди и чадни бомби на теренот во спортската сала „Перо Наков“ во Куманово.

„Очекувана е казната, не е исклучок изречување на вакви казни со оглед на случувањата против скопскиот тим. Следните два натпревари ќе ги играме без присуство на публика, што ќе е голем хендикеп за тимот. Во најскоро можно време ќе биде платена и изречената парична казна. Повторуваме и упатуваме апел- да навиваме за нашиот тим, да даваме секогаш безрезервна, но спортска и фер поддршка и да не се повторуваат вакви инциденти. Стручниот штаб веднаш се огради и го осуди настанот, цврсто стоиме на тој став“, истакна претседателот на клубот Ненад Стојановски.

Изречената казна е по пет основи: фрлање на тврди предмети кои можат да причинат повреда- 24 илјади денари; фрлање на петарди, чадни бомби и експлозивни направи на терен и за неспортско навивање на национална основа по 16 илјади денари; неспортско и навредливо навивање- 8.000 денари; неисправни технички уреди 3 илјади денари.

По натпреварот дел од раководството на клубот повторуваше дека е изненаден од таквиот развој на настаните. Во текот на натпреварот немало ниту повод, ниту провокација за таква реакција на навивачите- ниту имало сомнителна судиска одлука која би ги изиритирала, ниту пак резултатот бил таков да предизвика револт кај присутните.

Во седмото коло на 16 ноември МКК Куманово оствари победа со резултат од 73:66 против екипата на „Феникс 2010“ од Скопје.

Осмото коло од првенството во Првата лига продолжува на 30 ноември, кога локалниот кошаркарски тим ќе гостува на екипата на „Шкупи“ во Скопје. 

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk