Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Футсал клубот „Форца“ од Куманово ја потврди доминацијата на домашната сцена и по вторпат по ред ја освои шампионската титула во Првата футсал лига на Македонија.
Трофејот формално им беше доделен по победата во последното коло против „Шкупи“ (2:0), но кумановци одамна беа недостижни за конкуренцијата.
Со вкупно 17 победи и само еден пораз во 18 одиграни натпревари, „Форца“ сезонава заврши со огромна разлика од 19 бодови пред второпласираната екипа.
Стрелци на последниот натпревар беа Берат Рамадани и Зоран Левски, а атмосферата во таборот на шампионите е еуфорична.
„Радоста е голема, иако не беше изненадување. Она што го покажавме на теренот е резултат на голема работа. Две години по ред сме шампиони, но целиме и кон двојна круна – исто како лани. Имаме фаворитска улога и во Купот“, изјави претседателот на клубот, Валдрин Мифтари.
Со освоената титула, кумановци по вторпат ќе добијат шанса да се натпреваруваат на меѓународната сцена, во рамки на натпреварите организирани од УЕФА. А, според Мифтари, клубот има амбиции натпреварите од групната фаза да ги организира токму во Куманово.
„Ќе аплицираме за организација. Ако добиеме, ќе играме дома, ќе донесеме европски футсал тука, ќе ги угостиме екипите во локални хотели, а натпреварите ќе се играат во нашата спортска сала. Ќе биде вистинска спортска слика за целиот град“, додава тој.
Следниот предизвик за „Форца“ е финалето од Купот на Македонија, кое ќе се игра на 27 април во реконструираната сала во Радовиш. Таму, кумановци ќе се соочат со екипата на КМФ „Осогово“ од Крива Паланка.
Со оглед на формата и квалитетот на составот – во кој настапуваат искусни играчи, дел и од македонската репрезентација – „Форца“ е апсолутен фаворит и за овој трофеј.
(Фото: ФК Форца)
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk