Гимнастичкиот клуб „Атлета“ се пресели во нова сала за вежбање

11.04.2023 13:49 | Сузана Николиќ

Гимнастичкиот клуб „Атлета“ од Куманово од почетокот на месецот работи во нов современ простор за вежбање. Клубот се пресели во нова сала која е со површина од 400 м2, во која децата од најрана возраст може да вежбаат и правилно да се развиваат.

Гимнастичкиот клуб „Атлета“ се пресели во нова сала за вежбање

„Работиме на подобрување на моторичките способности на децата од 4 годишна возраст, оваа група е насочена кон развивање на основните форми на движење кај децата на таа возраст, како што се: разни видови одење, трчање, скокање, качување, лазење, итн“, вели тренерот Филип Миленковски.

Клубот постојано ги проширува своите активности, па покрај гимнастиката и пливачки клуб за децата, се најавува и нов проект, а тоа е нова спортска гранка и се вика Антропомоторика.

„Преку овој проект нашата цел е да ги опфатиме возрасните лица, ќе работиме во женски групи и машки групи. Антропомоториката како спортска гранка има за цел да ги подобри и задржи на високо ниво човековите моторни способности: сила, брзина, издржливост, флексибилност, координација, прецизност, рамнотежа, преку широк дијапазон на вежби“, изјави тренерот Никола Златановски.

Тренинзите ќе се одржуваат во новата сала која се наоѓа на ул. „Октомвриска Револуција„ до Кипер Маркет.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk