Кожув и МЗТ Скопје на чекор до финалето

14.05.2013 07:53 | KumanovoNews

Актуелниот македонски првак МЗТ Скопје и екипата со најдобар скор во првиот дел од сезоната, гевгелиски Кожув, веќе поведоа со по 2-0 во серијата до три победи во полуфиналето на кошаркарскиот плејоф на Македонија.

Кожув и МЗТ Скопје на чекор до финалето

Кожув го оствари првиот триумф во плејофот во историјата на клубот, совладувајќи го дома најтрофејниот клуб во Македонија, Работнички, со 79-73, во првиот меч од полуфиналето.

И македонскиот првак МЗТ Скопје е на една победа до финале откако убедливо го победи дома Фени Индустри со 101-84.

Во фантастична и спортска атмосфера, во преполна сала и во три четвртини израмнет дуел, гевгеличани со одлична игра во првите минути од последниот период го најавија првиот триумф во плејофот.

По три четвртини натпреварот беше израмнет, а победата за избраниците на тренерот Марјан Србиновски дојде по серијата од 11-0 во првите две и пол минути во последниот период.

Во натпреварот што се одигра пред празни трибини во салата „Борис Трајковски“ поради казната на МЗТ Скопје, „штрковите“ рутинирано го совладаа Фени Индустри со 101-84 за водство од 2-0.

Дамјан Стојановски беше најефикасен на мечот со 25 поени, на кои додаде и пет скока и шест асистенции, а кај Фени најефикасен со 19 поени беше Џејмс Камп.

Третите дуели од двете серии се играат утре на терените на Работнички и на Фени Индустри, а евентуалните четврти натпревари ќе се играат во Гевгелија кај Кожув, односно во Скопје кај МЗТ, викендов.

Во досегашните плејоф-дуели во македонскиот шампионат ниту една екипа нема победено во серијата по негатива од 0-2.   

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk