Куманово ја изедначи серијата против Соколи

08.05.2016 22:47 | KumanovoNews

Антон Казарновски не успеја да погоди за три поени во последната акција на Соколи и Куманово триумфираше на овој натпревар, победувајки со резултат 66-63.

Куманово ја изедначи серијата против Соколи

Бојан Трајковски доцнеше во одбраната и му овозможи на Рускиот интернационалец отворен шут кој измами многу воздишки на трибините, но сепак таа топка не влезе во обрачот и Куманово забележа победа со која ги задржува шансите во оваа серија.

Кумановчани преку Мишановиќ го напаѓаа кошот на Соколи на почетокот на натпреварот, а изразен беше и шутот за три поени кој не му одеше на Куманово во првиот период. Во втората четвртина Куманово постигна неколку тројки со кои направи мала разлика, и замина на полувреме со резултат 39-32. Во првото полувреме Куманово имаше 20 обиди за три поени, а само Костовски биеше седум пати кон кошот на Соколи.

Во третиот период Куманово може да се пофали со стабилна игра, а во четвртата четвртина веќе започнаа проблемите на Куманово во нападот. Мишановиќ кон средината на последната четвртина ги забележа првите поени за Куманово, а Соколи полека но сигурно ја топеа предноста и на триесет секунди пред крајот на мечот имаа 1 поен предност.

Натпреварот влезе во пенал завршница, а Караџовски ги погоди слободните фрлања за сигурна предност на Куманово. Казарновски не го одведе натпреварот во продолжение каде што можеше да се случи сешто, и Куманово забележа победа со резултат 66-63.

Александар Костовски го заврши натпреварот со 13 поени и 6 асистенции, а Бојан Трајковски и Вукашин Мандиќ постигнаа 12 поени. Кај тимот на Соколи Филип Шепа и Дарко Соколов постигнаа 13 поени.

Следниот натпревар се игра во вторник во спортскиот центар Борис Трајковски.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk