Кумановските ракометари се изборија за опстанок во Суперлигата, очекуваат поголема финансиска поддршка за наредната сезона

05.06.2024 08:38 | Оливера Пешевска

Екипата на машкиот ракометен клуб Куманово обезбеди опстанок во Супер лигата по плеј аут фазата во која од 14 одиграни натпревари победи на 11, на два беше поразена и еден играше нерешено. 

Кумановските ракометари се изборија за опстанок во Суперлигата, очекуваат поголема финансиска поддршка за наредната сезона

Сигурен опстанок покрај кумановци има и екипата на Прилеп, останатите тимови ќе играат бараж натпревари.

Од управата на клубот велат дека се задоволни од постигнатиот успех, но за да продолжат да напредуваат потребна им е стабила финасиска поддршка на клубот. 

„Апелирам до општинските власти да го свртат вниманието кон нас, кои имаме прволигашки статус и опстојуваме во најелитната државна лига, имаме континуитет и квалитет. По мое скромно мислење и големо искуство, не може да се вложуваат повеќе пари во третолигашка фудбалска екипа, или кошаркарски тим, кој за среќа влезе во Прва лига, а за нас да се проектираат трошки“, изјави Миодраг Јовановски- Црни, еден од тренерите на МРК Куманово.

Покрај средствата што клубот ги добива од програмата за спорт на Општина Куманово, се надеваат дека наскоро ќе го добијат и ваучерот од Агенцијата за млади и спорт. На МРК Куманово помагаат и приватни спонзори преку своите компании. Но, често се случува и поединци од управата на клубот да „си бркнат во џебот“ за да се набави или направи нешто итно и неопходно во даден момент.

„Мислам дека се единствени по тоа, не само во градот туку и пошироко“, појаснува Драги- Црни.  

Во тимот веќе наголемо се работи на подготовките за следната сезона, првото засилување  е Теодор Тодевски. Се надеваат дека во екипата ќе се врати и Давид Димевски, млад кумановец кој играше за „Мулти Есенс“ во втората ракометна лига. Потврдено е дека во Куманово останува и Грузиецот Уча Гамзардија, а се очекува потпишување на договор со играч од Бразил.

Најголем дел од играчите ќе се локални ракометари, оние кои досега играле во првиот тим, но 2-3 играчи од подмладокот кои „стасале“ за посериозен ангажман. Се очекува најмалку 10 играчи да се кумановци, а 5-6 од нив ќе се од други градови во Македонија или од странство.

По програмата за спорт на Општина Куманово минатата 2023 година на МРК Куманово се исплатени 2,5 милиони денари, а за ова година се предвидени 500 илјади помалку. 

Играчите се на заслужен одмор, задоволни од исходот и задржување на суперлигашкиот статус. Со кондициони тренинзи и подготовки за новата сезона започнуваат по 1 август. Управниот одбор и стручниот штаб продолжуваат со работа и во текот на летните месеци.

 

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk