Мајами и Сан Антонио со победи

22.02.2013 11:02 | KumanovoNews

Синоќа во НБА се одиграа двата големи дуели, но сепак гостите забележаа победи, Мајами го совлада Чикаго со 86-67, додека Сан Антонио го декласираше Клиперс со 116-90.

Мајами и Сан Антонио со победи

Мајами е во најдобра серија оваа сезона, последната победа над Чикаго е нивна деветта победа во низа. Дури и покрај фактот што Леброн Џејмс втор натпревар по ред постигна помалку од 30 поени, сепак победата на Мајами не беше доведена во прашање. Леброн доминираше и овој натпревар, постигна 26 поени, додаде и 12 скокови и седум асистенции.

Одбраната на Мајами го скрши домаќинот кој постигна најмалку поени оваа сезона, а изгуби дури 27 топки. Покрај Џејмс, одличен на теренот беше и Двејн Вејд со 17 поени, осум скокови и пет асистенции, додека кај домаќинот Ноа постигна 11 поени, осум скокови и осум асистенции.

Екипата на Сан Антонио славеше во големото дерби на западот кај Лос Анџелес Клиперс со 116-90. Кошаркарите на Грег Попович имаа огромно водство од 28 поени на почетокот од четвртата четвртина. Сан Антонио доминираше на натпреварот и ја оствари првата победа над Клиперс оваа сезона.

Ова е петта победа по ред за Спарси, а со скор од 22-10 се ,,најдобри гости'' во НБА лигата. Од друга страна пак ова е најлош пораз во сезоната за Клиперси. Играч на натпреварот беше Тони Паркер со 31 поен и седум асистенции и одличен шут 12-16.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk