Македонија ја победи Босна и Херцеговина

15.08.2010 09:03 | KumanovoNews

Македонската кошаркарска репрезентација ја оствари третата победа во квалификациите за Европското првенство во 2011 година. Вчера беше совладана репрезентацијата на Босна и Херцеговина со резултат 70:56.

Македонија ја победи Босна и Херцеговина

Во речиси полната арена „Борис Трајковски“, нашите репрезентативци стартуваа одлично, и по 16 минути водевме со 24 поени разлика. Американецот Мекејлеб вршеше константен притисок, па плејмејкерите на Босна имаа проблеми во организацијата на играта. Проблем за гостите беа и брзите 2 фаула на Ратко Варда, кои немаа вистинска замена на позиција центар.

Меѓутоа, како и многупати досега, успејавме од сигурно водство да направиме интересна завршница. Гостите со трпелива игра, преку полуконтри и добра одбрана, успејаа да направат серија од 23:2, за да во еден момент од натпреварот резултатот биде 41:38. Потоа во игра влезе Мекејлеб, кој се покажа како клучен играч во нашата репрезентација, направивме серија од 6:0 за да подоцна конечниот резултати биде 70:56.

Најефикасни поединци на натпреварот беа Бо Мекејлеб со 19 поени, Самарџиски со 15 а кај гостите Домеркант 13, а 11 Варда и Бавчиќ.

Во вториот натпревар од нашата група, Велика Британија ја победи Украина со 90:76.

Следниот натпревар на нашата репрезентација е во вторник, на домашен терен против Украина.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk