Промовиран документарниот филм за ракометарката Јасмина Голубовиќ

07.09.2022 15:16 | KumanovoNews

Во Занаетчискиот дом во Куманово синоќа беше промовиран документарниот филм за ракометарката Јасмина Голубовиќ од авторот Марјан Стошевски. 

Промовиран документарниот филм за ракометарката Јасмина Голубовиќ

Голубовиќ е истакната ракометарка која починала во 1989 година на 41 годишна возраст, додека живеела во Бар, Црна Гора.

Во спортската кариера постигнала извонредни успеси и рекордерка е по настапита за ДТВ "Партизан" од Куманово, со 10-годишно членство во клубот дала над 1600 голови. Само една година играла за тимот на МИК од Скопје, а значителни успеси постигнала за репрезентациите на Македонија и тогашна Југославија. Подоцна работела како наставник по историја и географија во училиштето во с. Драгоманце.

Во филмот 20-тина познавачи на нејзиниот живот зборуваат за нејзините училишни денови, семејството, одличните настапи на ракометните терени, како и за ангажманот како просветен работник.

 Спортскиот новинар Стошевски на филмот работел 5 месеци. 

„Благодарност до граѓаните кои дадоа поддршка,  до сите соговорници кои се одѕваа да зборуваат за Јасе, како и сите други кои беа со нас додека го создававме делото“, изјави Стошевски.

Планирано е филмот да биде прикажан и во Бар,  Црна Гора каде живее нејзиното семејство и сопругот Никола, кој дал свој придонес во креирањето на содржините од филмот, посебно во делот на приватниот живот. 

О. Пешевска

 

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk