Ракометарите на Вардар остануваат во борба за титулата против Металург

10.05.2013 09:02 | KumanovoNews

Металург како домаѓин во салата во Автокоманда ремизираше 25-25 против лутиот ривал Вардар Про во големото дерби од ракометното првенство.

Ракометарите на Вардар остануваат во борба за титулата против Металург

Со ова реми Вардар Про и натаму е во игра за титулата македонски првак и конечно да го симне Металург од тронот. Најверојатно, со оглед на слабата конкуренција од останатите екипи, ќе одлучува дуелот кога Вардар Про ќе биде домаќин на 1 јуни, кога Металург би ја одбранил титулата само со победа или реми, но никако со пораз.

Натпреварот беше возбудлив во текот на целиот натпревар, а најинтензивни беа последните десетина минути.

Домаќинот тогаш само навидум се одлепи со 22-19 и 23-21, но потоа следуваа три промашени седмерци во низа кои беа направени над Ракчевиќ.

Промашуваа Мојсовски, Вугринец и Батиновиќ, а тоа го искористи противникот од “Кале“ за да израмни на 23-23 и 24-24.

Во последната минута Мојсовски со страотен удар од далечина ја дигна публиката на нозе за 25-24. но црвено-црните брзо возвратија и за неколку секунди додека шампионот имаше исклучен играч израмнија на 25-25 преку Рајковиќ.

Металург имаше безмалку 30 секунди за последен напад, но ударот на Мојсовски беше одбранет и со тоа неизвесноста во лигата продолжува и понатаму.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk